Македонија Одрон на патот Дебар – Струга, сообраќајот се одвива по една лента

Одрон на патот Дебар – Струга, сообраќајот се одвива по една лента

Сообраќајот на регионалниот пат Дебар – Струга во близина на село Џепиште поради одрон на голем камен се одвива по една коловозна лента во должина од 20 метри, соопштија денеска од АМСМ и додаваат дека на самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

На останатите државни патишта сообраќајот се одвива по влажни коловози, а поради маглата, видливоста на Стража, Плетвар и Штип-Неготино е намалена од 50 до 100 метри. Снег провејува на Попова Шапка и Буково, но не се здржува на коловозот.

Од АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

Од 15-ти ноември стапи на сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15-ти март 2018 година.