Македонија Одлуката донесена лани, а изградбата на библиотеката „Цветан Димов“ на Бит Пазар...

Одлуката донесена лани, а изградбата на библиотеката „Цветан Димов“ на Бит Пазар сè уште не е започната

Фото: Caleb Woods on Unsplash

Проектот за изградба на новиот објект на библиотеката „Цветан Димов“ на скопски Бит Пазар сè уште не е започнат. Овој проект беше одобрен во март минатата година од Советот на град Скопје, но сè уште нема активности во правец на започнување на градежните работи, иако помина повеќе од една година од неговото одобрување и, најверојатно, нема да започне наскоро, бидејќи средствата за изградбата сè уште не се предвидени, пишува Порталб.мк.

Од Град Скопје за Порталб.мк изјавија дека минатата година бил изработен основен проект за изградба на библиотека за околу 700.000 денари.

„Проектот за нова библиотека е разработен според најсовремените светски трендови. Библиотеката ќе се простира на површина од 744 метри квадратни во катови. Зградата е проектирана на ниво – 1, приземје, мезанин и покрив градина. За реализација на проектот потребни се 1.400.000 евра“, изјавија од Град Скопје.

Оттаму рекоа дека, бидејќи станува збор за капитален проект, средствата за ова треба да ги обезбеди Министерството за култура.

„Со оглед на тоа што Министерството за култура на Република Македонија е надлежно за капитални проекти, за изградба на библиотеката„ Цветан Димов“, Град Скопје ќе аплицира на следниот конкурс за финансирање на капитални објекти од културен интерес, со кој се надеваме ќе имаме поддршка“, изјавија од оваа институција.

Во меѓувреме, на прашање од Порталб.мк,од Министерството за култура рекоа дека немаат никакви сознанија за овој проект.

Во март минатата година, Советот на град Скопје го одобри предлогот за изградба на нова зграда за библиотеката „Цветан Димов“, која ќе се наоѓа на Бит Пазар.

Тековната привремена локација на оваа библиотека е во зградата на општина Чаир. Но, овој простор не ги исполнува условите и стандардите за читателот. Во моментов тие можат само да позајмуваат книги од оваа библиотека, но не и да го користат просторот за читање, бидејќи нема читална.

Библиотеката „Цветан Димов“ е дел од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и покрива училишта на општина Бутел, Чаир и некои училишта од општина Центар, главно на албански и турски јазик, но и некои училишта на македонски јазик, а членови се возрасни лица, пензионери и студенти.