Македонија Одложено формирањето на анкетната комисија за фалсификуваните лични карти

Одложено формирањето на анкетната комисија за фалсификуваните лични карти

Формирањето анкетна комисија за скандалот со фалсификувани лични карти е одложено за неколку дена.

Членовите на комисијата за избори и за именувања од СДСМ побараа точката да се отстрани од дневен ред, но претседавачот со комисијата, Трајче Димков, само го одложи формирањето за да им остави простор на партиите да предложат свои кандидати што би членувале во ова тело.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се скараа за тоа дали е потребно формирање нова анкетна комисија кога веќе има една за прислушуваните разговори.

Пратеникот Горан Мисовски рече дека новата анкетна комисија што ја бара ВМРО-ДПМНЕ е само „претстава за членството на партијата“.

Пратеникот Илија Димовски, кој на комисијата присуствуваше не како член, туку како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека треба да се дојде до политичка одговорност за тоа кој фалсификувал лични карти, украл идентитети на 120.000 граѓани и фалсификувал бугарски, турски и македонски пасоши.