Македонија Одбиени првите барања на Груевски, сега се бара изземање на судијката-известител

Одбиени првите барања на Груевски, сега се бара изземање на судијката-известител

Откако по два и пол часа заседавање Врховниот суд попладнево го одби барањето на адвокатите на Никола Груевски за изземање на судечкиот совет и в.д. претседателката на Апелациски суд, одбраната повторно побара изземање, овојпат на судијката – известител, Тања Милева.

Апелацискиот суд денеска на јавна седница треба да решава за жалбата на Никола Груевски и на поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за затворските казни што Кривичен суд им ги досуди во случајот „Тенк“. Поповски доби шест и пол години затвор, а Груевски две години.

На почетокот на денешната седница, адвокатите на поранешниот премиер побараа одложување на седницата, со образложение дека мора да одат на други судења кои се приоритетни, бидејќи станува збор за притворски предмети. Судечкиот совет во Апелација не го прифати ваквото барање на адвокатите. Тогаш тие побараа да се изземат судечкиот совет и претседателката на Апелација, Лидија Димчевска.

Како образложение на денешното трето барање, адвокатот Стерјо Зиков ја наведе поврзаноста на сопругот на судијката – известител, Игор Милев, со СДСМ, како и изборот на судијката откако е започнато судењето за случајот „Тенк“.

Поради најновото барање беше прогласена пауза од 30 минути, за претседателката на Апелација да донесе одлука.