Македонија Одбележан денешниот празник „Св. Климент Охридски“

Одбележан денешниот празник „Св. Климент Охридски“

Централната манифестација се одржа во НУБ „Св.Климент Охридски“ во центарот на Скопје, а доделувањето на Наградата „Св.Климент Охридски“ беше организирана во македонското Собрание

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Со низа на активности, денешниот државен празник 8 Декември – „Св. Климент Охридски“ беше одбележан во земјава од страна на властите. Централната манифестација се одржа во НУБ „Св.Климент Охридски“ во центарот на Скопје, а доделувањето на Наградата „Св.Климент Охридски“ беше организирана во македонското Собрание.

Владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски положи цвеќе и оддаде почит на патронот на македонската култура, една од најзначајните личности за македонската писменост, Свети Климент Охридски. Во состав на владината делегација беа заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ и заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, информираат од владината прес-служба.

Пред споменикот на Свети Климент Охридски, на платото пред истоимената Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, во Скопје, во чест на големиот просветител и духовник, основач на Охридската книжевна школа, положија цвеќе и оддадоа почит и делегации од Собранието на Република Северна Македонија, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, од Армијата на Република Северна Македонија, од Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија, претставници од дипломатски кор, од парламентарни политички партии.

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на централниот настан што во рамки на одбележувањето на денешниот голем државен празник 8 Декември – Свети Климент Охридски, се одржа во Националната и универзитетска библиотека во Скопје, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование“.

„Најдобар начин, да се оддаде должна и искрена почит кон безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело, со кое што нè задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски, е да се продолжи светиклиментовата мисија. Македонскиот јазик, којшто досега е познат и прифатен во сферата на книжевноста и на науката, денес е и политичка реалност во Европа и во светот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери испрати честитка од лично име, но и од име на пратениците во Собранието по повод празникот Свeти Климент Охридски.

„Ова е празник на основоположникот на црковниот живот во Република Северна Македонија и ревносен ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Неговиот лик и дело е најдобар пример за симбиозата меѓу духовната и просветителската мисија, најдобар пример за тоа како да се допре до срцата и умот на следбениците за да се постават солидни основи за произведување на трајни вредности кои покрај тоа што се значајно наследство за идните поколенија, се и скапоцен дар за светското духовно и просветителско наследство“, се вели во честитката на собранискиот спикер Џафери.

Инаку, во Собранието на РСМ денеска беше доделена државната награда „Св. Климент Охридски“. За остварување во областа на воспитанието и образованието, наградата денеска му беше доделена на проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста наградата ја доби филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Наградите во Собранието на Република Северна Македонија ги додели Томислав Османли, претседател на Одборот за државната награда „Св. Климент Охридски“.