Македонија Од утре 75 кревети за болни од ковид-19 во детската болница во...

Од утре 75 кревети за болни од ковид-19 во детската болница во Козле

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Во тек се последните подготовки за ставање во функција на детската болница Козле за прием на Ковид-19 позитивни пациенти, информира Министерството за здравство. На располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од Ковид-19, а првите возрасни пациенти се очекуваат утре.

Предвидено е во оваа болница да се носат пациенти со полесна и средна клиничка слика.

Болницата се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективната клиника и од внатрешноста.

Уште од почетокот на епидемијата во нашата земја, болницата во Козле беше одредена за третман на сомнителни и заболени деца од Ковид 19. Во моментот во Болницата се сместени 3 дечиња сомнителни за Ковид-19, чии резултати од тестови се чекаат.

Од утре Болницата ќе врши прием и на возрасни пациенти заболени од Ковид-19.

Освен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Скопската Градска болница „8 Септември“ која функционира како Ковид-центар, сомнителни и заболени пациенти од Ковид-19 се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Покрај детската болница Козле, а се подготвува и Ковид центар во Кавадарци.