Македонија Оценувачки тим од Брисел од утре во Скопје ќе ја „чешла“ работата...

Оценувачки тим од Брисел од утре во Скопје ќе ја „чешла“ работата на Судскиот совет

Тимот ќе го предводи, Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, кој утре и задутре ќе ја посети Северна Македонија и ќе ја мапира состојбата со Судскиот совет по низата скандали

Фото: Принтскрин, видео во живо, МИА

Тим експерти од земјите-членки на ЕУ доаѓа во земјава – ќе ја испитува работата на Судскиот совет, потврдува Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Тимот ќе го предводи, Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, кој утре и задутре ќе ја посети Северна Македонија и ќе ја мапира состојбата, со цел да се идентификува обемот на работа.

Оценувачката мисија на Брисел ќе ја разгледува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на Судскиот совет.

„Работата ќе биде завршена со поддршка на тим експерти од земјите-членки на ЕУ, кои ќе ја посетат Северна Македонија во септември 2023 година“, стои во соопштението на европската делегација во земјава.

Оваа оценувачка мисија ја неодамна ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир.

Оченувачката мисија од Брисел доаѓа по низата скандали и превирања во Судскиот совет. Тие започнаа во април со разрешувањето на претседателката Весна Дамева, изборот на новиот претседател, оставките на двајца од членовите, изборот на двајцата нови членови па сè до вчерашната оставка на едниот од новоизбраните членови, Наќе Георгиев.

Понатаму, во низата скандали е и непостапувањето на Судскиот совет за судијата Енвер Беџети – судија во Апелација кој пак не постапувал за предметите поврзани со Сашо Мијалков. Исто така, оценувачката мисија ќе бара отчет и за начинот на смена на претседателката на Советот Весна Дамева, непроцесуираните случаи за Рамиз Мерко, влијанието на други лица од црната листа како Орце Камчев во правосудниот систем и многу други прашања за кои се смета дека го поткупуваат судскиот систем.