Македонија Обвинителството побарало од Албанија враќање на 20 икони украдени од македонски цркви

Обвинителството побарало од Албанија враќање на 20 икони украдени од македонски цркви

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од надлежниот суд во Тирана, Албанија, побарало враќање во Македонија на 20 икони од непроценлива вредност, украдени од цркви и од манастири во земјава, соопшти денеска јавното обвинителство.

„Во согласност со Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривична материја и Законот за меѓународна соработка во кривична материја на Република Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција преку Министерство за правда, до надлежниот суд во Тирана, Република Албанија, поднесе официјално барање за враќање на 20 икони со непроценлива вредност, сопственост на Република Македонија“, стои во соопштението на обвинителството.

Како што информираат оттаму, во акција на албанската полиција во 2013 година против криминална група, биле запленети поголем број икони и црковни предмети, од кои 20 не биле со потекло од Албанија, поради што полицијата се посомневала дека се од Македонија и за тоа ги известила колегите во земјава.

Ескперти од Македонија извршиле вештачење, кое покажало дека иконите потекнуваат од цркви и од манастири што се наоѓаат во западниот дел на Република Македонија и дека станува збор за оригинали.

„На почетокот на 2014 година, на средба што се одржа во Тирана, помеѓу обвинителите на Република Македонија и Република Албанија, беа разменети информации за утврдените материјални докази. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на својот колега во Тирана му достави вешт наод и мислење за потеклото, оригиналноста и за непроценливата вредност на 20-те икони – културно наследство и сопственост на Република Македонија, како и докази за потеклото на иконите од црквите, времето кога биле одземени, како и за начинот на кој се утврдени материјалните траги. Доказите прибрани во текот на истрагата, обвинителот од Тирана ги приложи кон поднесениот обвинителен акт до надлежниот суд во Тирана и есента минатата година беше донесена правосилна осудителна пресуда“, се вели во соопштението од обвинителството.