Македонија Обвинителството ги истражува причините за смртта на родилката од Крива Паланка

Обвинителството ги истражува причините за смртта на родилката од Крива Паланка

Основното јавно обвинителство Куманово почнало предистражна постапка за причините за смртта на 37-годишната родилка од Крива Паланка, која вчера починала откако ѝ се влошила состојбата по породувањето во кумановската општа болница, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, родилката вчера била донесена на одделението за гинекологија и акушерство во кумановската болница, каде по неуспешниот обид за спонтано породување, било одлучено породувањето да биде со царски рез.

„Изведувањето на царскиот рез течело нормално и на свет било донесено здраво машко дете. По будењето од анестезија, на родилката ѝ се влошила состојбата, по што итно е испратена во придружба на анестезиолог, анестетичар и медицинска сестра од интензивно лекување на скопските клиники. На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) била примена и покажувала знаци на живот. Откако починала, била вратена во кумановската болница, по што бил известен јавен обвинител“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Телото на починатата родилка утрово е однесено на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, за обдукција.

На родилката ова ѝ била седма бременост, додаваат од обвинителството.