Главна секција Обвинителство: Нема нови околности во истрагата за смртта на претседателот Трајковски

Обвинителство: Нема нови околности во истрагата за смртта на претседателот Трајковски

До овој момент и од досега утврдените факти во истрагата, како и од извештајот од Меѓународната комисија за испитување на причините за авионската несреќата во која животот го загуби претседателот Борис Трајковски, не произлегле нови околности што би довеле до „донесување на поинаква одлука од претходно донесената резолуција“, соопшти денеска Јавното обвинителство.

„Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со истрагата за авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски и неговите сопатници, информира дека до овој момент и од досега утврдените факти во предметот, како и од поднесениот извештај од Меѓународната комисија за испитување на причините за несреќата и од други во меѓувреме добиени и прибавени материјали, во досегашната компарација со претходните извештаи и докази, не произлегуваат нови околности што би довеле до донесување поинаква одлука од претходно донесената резолуција“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму додаваат дека иако извештајот на Меѓународната комисија не е дел од официјалната истрагата, тој бил разгледан и анализиран од Јавното обвинителство. Но, од него, како што велат од Обвининителството, не произлегуваат нови релевантни околности што би ја промениле веќе донесената одлука.

Јавното обвинителство истакнува дека резолуцијата не е конечна одлука, односно дека Обвинителството нема правна пречка и понатаму да ги испитува сите околности за случајот.

Денеска навршуваат 12 години од смртта на Трајковски, кој загина во трагична авионска несреќа во близина на босанскиот град Мостар. Заедно со претседателот животите ги загубија уште осум лица, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.