Македонија Обвинителство ќе продолжи да го истражува случајот за поткуп за посвојување

Обвинителство ќе продолжи да го истражува случајот за поткуп за посвојување

Oсновното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ја продолжува постапката за обвинувањата за поткуп при посвојување деца, која ја почна по допрен глас. Станува збор за случајот за кој беше направен телевизиски прилог, во кој оштетената објави дека и бил побаран поткуп за да посвои дете, а откако одбила да го направи тоа, била експресно обвинета и осудена за семејно насилство.

Обвинител при истрагата ја прибрал целокупната документација од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, како и релевантна документација од Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ – Скопје. Како сведоци биле сослушани 11 лица, меѓу кои и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Геронтолошкиот завод, поранешен министер за труд и социјална политика, како и вработена од детска градинка во која престојувало детето.

„По повеќемесечното интензивно постапување во предметот и прибирање на материјалните и вербални докази, како и нивно разгледување и анализа, надлежниот обвинител цени дека во моментов не се создадени услови за финално донесување на јавно обвинителска одлука“, соопштија од обвинителството, напоменувајќи дека поради сериозноста на наводите, истрагата ќе продолжи.