Македонија Обвинетите за насилството во Собранието со поддршка за пратениците кои гласаа „за“

Обвинетите за насилството во Собранието со поддршка за пратениците кои гласаа „за“

Обвинетиот за насилството во Собранието, Вилијам Михајловски на денешното судско рочиште за настаните од 27 април рече дека сака да даде поддршка за пратениците кои во петокот во Собранието гласаа за пристапување кон уставни измени.

Михајловски во име на обвинетите рече дека „им изразуваат поддршка на храбрите пратеници кои гласаа за уставните измени“. Судијката Добрила Кацарска го прекина и го опомена Михајловски.

Претходно, пратеникот Љубен Арнаудов, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието, на влегување во судот, изјави дека не смета оти некој е предавник и дека не знае кој стои за вчерашното писмо. Истакна дека не е точно дека имале закани и дека примиле пари.

Пред почетокот на денешното рочиште, обвинетиот Богдан Илиевски – Бетмен беше прашан дали се чувствува предаден, и посочи само „сите ние сме браќа“.

Денешното рочиште е прво по пуштањето од домашен притвор на тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов и нивното гласање за уставните измени во петокот во Собранието.

Во судот денеска се сите обвинети за 27 април, а во судницата се прегледуваат видеоснимките од собраниските камери.