fbpx

Арнаудов: Никој не е предавник и ништо не е ветувано за случајот

-

Пратеникот Љубен Арнаудов, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието, денеска пред почетокот на рочиштето во Основен суд Скопје 1 изјави дека не смета оти некој е предавник и дека не знае кој стои зад завчерашното писмо, испратено до медиумите во име на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ што во петокот гласаа за почнување со уставните измени. Истакна дека не е точно дека имале закани и дека примиле пари.

– Ништо не е ветувано за случајот 27 април и затоа не сакам да давам никакви информации. Доаѓаме тука да докажеме дека сме невини – изјави Арнаудов.

Пред него, реагираа и пет од осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои упатија иста порака – дека не добивале уцени или закани, ниту пак биле подмитени.

Помеѓу првите се огласи Нола Исмајлоска-Старова, а реагираа и Сашо Василевски, Зеќир Рамчиловиќ, и Емилија Александрова. Сите порачаа дека одлуката не била лесна, но сметале дека уставните измени се неопходниот чекор за да продолжат евроинтеграциите.

Во писмото упатено до медиумите во саботата, напишано во име на пратениците од опозицијата кои ги поддржаа уставните измени, се вели дека и посакуваат добро на Македонија и наведоа како сакаат да продолжи процедурата. Бараат гаранција дека ќе се поништат уставните измени ако Грција не го ратификува Договорот и ги попречува македонските евроатлантски интеграции, но и собраниско тело што ќе подготви план за национално помирување, според пораката на премиерот Заев од понеделникот, на првиот ден на седницата за уставните измени.

„Да се пристапи во наредната, но не и конечна фаза, на дискусија по уставните амандмани, само под следните услови од чие исполнување ќе зависат и нашите идни ставови и нашата конечна поддршка за Уставните измени:

1. Прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет.
2.Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа.
3.Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ.
4.Прифаќање на иницијативата на Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев искажана на 61-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 год., за простување во врска со настаните на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и Претседателот на Собранието на Република Македонија кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување“, се вели во писмото.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...