Македонија Објавени предложените учесници во работната група за уставните измени

Објавени предложените учесници во работната група за уставните измени

Според предложените имиња, евидентно е дека претставниците од опозицијата, и од македонските и од албанските партии, нема да учествуваат во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот

Фото: Wikipedia

Министерството за правда денеска ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени, предложени од парламентарните политички партии и од институциите.

Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии за номинирање свој претставник во работната група истече ноќеска на полноќ.

Според предложените имиња, евидентно е дека претставниците од опозицијата, и од македонските и од албанските партии, нема да учествуваат во работата за уставните измени, со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и кој стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.

Ова се членовите на работната група предложени од партиите:

Цветанка Иванова – СДСМ
Арбр Адеми – ДУИ
Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците
Соња Мираковска – НСДП
Нано Ружин – ЛДП
Христа Најданов – ДОМ
Темелко Ристески – Партија на пензионери
Раметула Куќи – ДПА
Еран Куртиш – Партија за движење на Турците
Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците

Пристигнати предлози од институции:

Александар Спасов – Кабинет на претседател на Република Северна Македонија
Драган Тилев – Секретаријат за европски прашања
Шпенд Садики – Министерство за надворешни работи

Од Министерството за правда велат дека експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе се соопштат до крајот на неделава.

„Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, информираат од Министерството за правда“, велат од Министерството за правда.