Македонија Објавена програмата за манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“

Објавена програмата за манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“

Фото: Општина Крушево

Програмата за Манифестација научно културни средби „Десет дена Крушевска Република“ е речиси комплетирана и истата содржи многу музика, филм, традиција и култура, соопштуваат од општина Крушево. Оттаму информираат дека на 1. август во 18:30 часот започнува поворката кон Гумење каде што ќе се полагаат цвеќиња.

„Официјалниот дел започнува на споменик Илинден во 20:30 часот каде што свој настап ќе имаат хорови и оркестри на Национална филхармонија и Национална опера и балет. Во овој дел ќе настапат и „Танец“ и балерината Ивана Коцевска. Манифестацијата од 22 часот ќе продолжи на „Гумење“ со читање на Крушевски манифест, обраќање на градоначалникот на општина Крушево и претседател на Советот на „Десет дена Крушевска Република“ Томе Христоски по што ќе следи концерт на Камерниот оркестар, Тамара Тодевска, Наде Талеска, Виктор Апостоловски и Викторија Лоба“, велат во општината.

Оттаму додаваат дека на полноќ ќе има импровизиран напад на Крушево, а на 2. август централната манифестација се случува на Мечкин Камен во организација на Владата на Република Северна Македонија.

„На 3. август ќе има проекција на македонскиот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов Изи, а во кој главната улога ја има Александар Матовски – Цако, како и Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Сашко Коцев“, информираат во општината.

На 4. август, на споменикот Илинден ќе има изложба на Зоран Кардула, инспирирана од филмскиот серијал Star Wars и вонвременскиот изглед на споменикот Илинден. Диџеј сет ќе има Томи Бојаџи. 5. август е ден посветен на влашката култура и традиција, а на 6. август ќе има крушевска вечер, забава со локални диџеи. На 7. август ќе има програма за деца, фестивал „Весели ѕвончиња“, а на 8. август свој настап ќе има Влатко Груевски – тенор.