Култура Објавен романот „Божествени дечиња“ од Татјана Громача

Објавен романот „Божествени дечиња“ од Татјана Громача

„Македоника литера“ од Скопје го објави наградуваниот роман на хрватската писателка Татјана Громача, „Божествени дечиња“, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.

Татјана Громача е веќе еминентно име во најновата хрватска проза. За романот „Божествени дечиња“ доби две високи и реномирани книжевни награди во Хрватска за 2012 година: државната награда „Владимир Назор“ и наградата „Јутарњи лист“ за најдобра прозна книга на годината, а беше и финалист за наградата за роман на „Т-портал“.

Романот на Татјана Громача доби многу позитивни оцени од книжевната критика и првенствено е оценет како роман со извонреден стилски исказ, како роман со темни, тегобни и трауматични теми, каде што личната траума е поставена на едно повисоко ниво – во општествениот контекст.

Татјана Громача е родена во Сисак, во 1971 година. Компаративна книжевност и филозофија завршила на Филозофскиот факултет во Загреб. Кусо време работела во образовната дејност, а потоа, си до денес, се занимава со новинарство. Една деценија пишуваше за неделникот „Ферал трибун“ од Сплит, а денес пишува за „Нови лист“ од Риека, каде живее.

Автор е на книгите: „Нешто не е во ред“, поезија (2000), „Црнец“, роман (2004), „Бели врани – раскази од Истра“ (2005), „Божествени дечиња“, роман (2012), „Премолчувања, забележувања, восхити“ (2014).

Книгите ѝ се преведени на многу европски јазици, гостувала на повеќе фестивали и читања. Според романот „Црнец“, риечкиот театар постави успешна и наградувана театарска претстава.