Дописници Обединети пензионери во предизборна коалиција со СДСМ и со опозицискиот блок

Обединети пензионери во предизборна коалиција со СДСМ и со опозицискиот блок

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), состојбата во земјата, на економски, политички и на безбедносен план, ја оценува како најтешка по 2001 година.

Од партијата велат дека состојбата со пензискиот фонд е катастрофална и дека може да се случи и сегашните и идните корисници да останат без пензии.

Презентирајќи ја изборната програма, ПОПГМ најави дека на претстојните избори ќе коалицира со СДСМ и со опозицискиот блок.

Во изборната програма се изложени основните заложби на ПОПГМ за воспоставување правичен и функционален општествено-политички систем, демократизација на општеството, како и за запирање на процесите на масовно иселување од државата и стареење на нацијата.

„За тоа се потребни реформи за изградба на стабилен образовен систем, кој ќе понуди меѓународно признаен образовен квалитет и кој, потпирајќи се на долгодишната традиција, ќе се прилагодува на потребите на пазарот на трудот и ќе обезбеди мотивација младите да останат да работат и да живеат во Република Македонија“, велат од партијата.

Обединетите пензионери, исто така, бараат континуирани реформи во здравствениот систем за сеопфатно обезбедување повисоко ниво на здравствени услуги.