Свет Обама го нарече Трамп „чукнат“ и „неинформиран“

Обама го нарече Трамп „чукнат“ и „неинформиран“

Барак Обама денеска од Лаос го критикуваше Доналд Трамп и го нарече „чукнат“ и „неинформиран“, откако републиканскиот кандидат за претседател на САД синоќа изјави оти смета дека рускиот претседател, Владимир Путин, е подобар лидер од Обама, јавува „Би-би-си“.

Обама, кој учествува на Азискиот самит во Лаос, изјавил дека секојпат кога Трамп ќе почне да зборува, станува сè појасно дека кандидатот на републиканците е неквалификуван да биде претседател.

„Мислам дека човекот е неквалификуван да биде претседател на САД и секојпат кога ќе прозбори тоа се потврдува. Мислам дека она што е важно за јавноста и за новинарите е да го следат што зборува и да поставуваат прашања за тоа што изгледа контрадикторно, неинформирано или како чисто чукнати идеи“, изјави Обама.

Трамп, кој синоќа во Њујорк заедно со својата ривалка од демократската партија, Хилари Клинтон, одговараше на прашања на воените ветерани, рече дека доколку биде избран за претседател на САД во ноември, „добро ќе се сложува со Путин“.

„Тој (Путин) има рејтинг од 82 отсто. Кога тој ме нарекува брилјантен, јас ќе го прифатам неговиот комплимент“, изјави Трамп, додавајќи дека рускиот претседател има „одлична контрола врз својата земја“.