Главна секција Нуланд ќе се обиде да ги заживее преговорите

Нуланд ќе се обиде да ги заживее преговорите

Помошничката на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Викторија Нуланд, денеска во Скопје ќе има одвоени средби со политичките лидери и со премиерот Никола Груевски.

Посетата на Нуланд доаѓа откако лидерот на опозицијата, Зоран Заев, изјави дека преговорите што се водеа под посредништво на ЕУ и на САД се неуспешни. Лидерот на опозицијата го обвини Груевски дека ги избегнува преговорите.

Средбата на Нуланд со Груевски и со Заев претставува обид за заживување на преговорите и да се овозможи постигнување договор за транзициска влада.

Коалицијата на опозициски партии предводени од СДСМ во четвртокот изразија поддршка за одлуката на Заев да се запрат понатамошни преговори и за неговиот став дека премиерот го прекршил договорот од 2 јуни за предвремени избори.

Владејачката партија ВРМО-ДПМНЕ, од друга страна, одбива нов премиер да раководи со транзициската влада до предвремените избори.