Македонија Новинарите со протестен собир ги најавија последните броеви на „Вест“ и на...

Новинарите со протестен собир ги најавија последните броеви на „Вест“ и на „Утрински“

Новинарите на „Утрински весник“ и на „Вест“ се собраа на паркиралиштето на трговскиот центар „Зебра“ каде што преку мирен протестен собир го одбележаа згаснувањето на двата дневни весници, кои 18 години излегуваа и ја обележаа медиумската сцена.

Овие два дневни весници, за последен пат во печатено издание ќе излезат утре, 29 април.

Новинарите добија поддршка од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и од Европската федерација на новинари, чиј генерален секретар, Рикардо Гутиерез, присуствуваше на собирот.

За гаснењето на „Вест“, основачот и главниот уредник, Горан Михајловски, кој го раководеше весникот од основањето, 5 јули 2000 до 31 декември 2015 година, вели дека за него таа приказна заврши во моментот кога од „Вест“ заминаа германските газди.

– Со „Вест“ докажав дека знам да направам успешен медиумски производ. На колегите од мојот тим кои до последен момент даваа отпор на злосторниците што дојдоа да им го уништат производот и да ја загрозат егзистенцијата на нивните семејства, им посакувам добро здравје за да ги пребродат овие тешки моменти. Верувам дека со нивното знаење и професионалност, бргу ќе му се вратат на вистинското новинарство – вели Михајловски.

Бизнисменот Трифун Костовски беше мнозински сопственик и заедно со уште неколку уредници го основа „Утрински весник“.

На прашањето на „Мета“ дали се обидел да си го врати некогашното сопствеништво врз весникот, Костовски вели изрично „не“.

– Времињата се променија, поминаа многу години и сега еден таков обид за враќање на брендот би предизвикал бурни реакции, пред сè политички – вели Костовски.

Според новинарот Бранко Тричковски, кој е еден од основачите на „Утрински весник“, „смртта на „Утрински“ е тажен крај на еден голем новинарски, издавачки и културен проект“.

„Во својата агонија, весникот ја следеше агонијата на Македонија како национална и државна идеја. Тоа што ќе умре пред да умреме сите како заедница, можеби и не е толку лош редослед за еден весник“, вели Тричковски.