Македонија Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Вкупно регистрирани се вкупно 489 случаи на голема кашлица. Тоа е неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (од 2019 до 2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи

Фото: Рената Копел (Renate Köppel) на Пиксабеј (Pixabay)

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најмногу случаи се пријавени во Скопје, а пријавени случаи има и во Битола, Куманово, како и по еден случај во Тетово, Крива Паланка, Прилеп и во Струмица.

„Возраста на заболените се движи од 1 месец до 73 години, а најголем број на случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 31 лице е некомплетно вакцинирано, невакцинирани или има непознат вакцинален статус. 13 се комплетно вакцинирани и 2 се вакцинирани согласно возраст. Од новите 46 случаи, 9 случаи се хоспитализирани“, наведено е во извештајот на ИЈЗ.

Вкупно, регистрирани се вкупно 489 случаи на голема кашлица. Тоа е неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем
број лица живеат во Скопје – 392 (80,2 отсто) со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во Карпош има 8, во Кисела Вода 6, а во Аеродром има 5 пријавени случаи.

Фото: Принтскрин од последниот извештај за пертусис на ИЈЗ

Во рамките на епидемијата во Куманово се пријавени 27 заболени лица.

„Во однос на вакциналниот статус, 294 лица (60,1%) од заболените не се вакцинирани, се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација или се со непознат вакцинален статус. Од 18 јануари досега, дадени се вкупно 41.044 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица“, информира ИЈЗ.

Нема друг начин на заштита од оваа болест освен вакцина. Првата ревакцинација со ДиТеПер, почнувајќи од 2015, бележи континуирано опаѓање достигнувајќи најнизок опфат од 66 отсто во 2020 година. Во 2022 година се регистрира намалување на опфатот (69,3 отсто) во однос на 2021 година (72,8 отсто). Просечниот опфат за периодот 2017-2021 година изнесува 78,1 отсто и е повисок од регистрираниот опфат во 2022 година.