Дописници Нови 1.000 барања за легализација на дивоградби во Тетово

Нови 1.000 барања за легализација на дивоградби во Тетово

Во секторот за урбанизам при Општина Тетово поднесени се повеќе од 1.000 нови барања за легализација на бесправно изградени објекти, откако се продолжи рокот за легализација на дивоградби. Досега овој сектор има издадено 2.700 позитивни решенија за легализација на бесправно изградени објекти.

– Со измените на Законот, рокот за поднесување барања се продолжи до 31 март годинава, а за тие што веќе имаат поднесено барање, можат да достават геодетски елаборати до 31 декември, со што се создадоа услови за легализација на речиси сите објекти. Тие што не ги исполнуваат условите, алтернатива е да се урнат – изјави Неџати Зулбеари, раководител на секторот за урбанизам при Општина Тетово.

Рокот за легализација на дивоградбите се продолжи за на граѓаните да им се остави простор и време за достава на елаборатите, кои се клучен документ во процесот на легализација. На геодетските фирми им се овозможи полесно да ја вршат работата бидејќи со стариот рок, немаа доволно време да ги изработат сите поднесени барања.