Дописници Нова ексклузивна фото-публикација за Охрид

Нова ексклузивна фото-публикација за Охрид

Двајца автори, искусниот фотограф Петар Боев и долгогодишниот туристички водич Пател Џингис, објавија нова, ексклузивна промотивна фото-публикација за Охрид, насловена „Охрид на брегот на вечното езеро“.

– Книгата е направена преку очите на еден фотограф и низ приказните на еден туристички водич, врз основа на долгогодишното искуство во професиите. Со ова издание се надеваме дека ќе придонесеме за популаризирање и за споделување на ова прекрасно место – вели Петар Боев за „Охридњуз“.

Фотопубликацијата е на англиски јазик, содржи висококвалитетни фотографии и е дизајнирана во согласност со најсовремените трендови за изработка на ваков тип промотивен материјал. Публикацијата е поделена во три тематски целини, посветени на езерото, градот и на планината, а паралелно со фотографите се објавени и информативни текстови за историјата на Охрид и за неговите знаменитости.

– Водевме сметка во рамки на текстот да има што повеќе интересни детали, податоци и приказни кои не се многу често јавно публикувани за публикацијата да биде интересна за туристите. На неколку последователни страници во изданието е направен „времеплов“, преку кој во кратки црти се прикажани сите најважни сегменти од минатото на Охрид – додава Пател Џингис, кој е автор на текстот.