Свет Балкан Нов масовен протест во Атина за поддршка на владината политика

Нов масовен протест во Атина за поддршка на владината политика

Нов протест за поддршка на поликата на Алексис Ципрас чука во срцето на Атина. Реки граѓани, гневни на досегашната строга политика за штедење, се излезени на централниот плоштад Синтагма, под грчкиот Парламент, во знак на поддршка на новата влада и на нејзините напори да го олесни грчкиот финансиски товар. Протестите се случуваат паралелно со првите официјални преговори на новата грчка влада со претставниците на Еврогрупата во Брисел.

Илјадниците демонстранти, кои првпат во грчката историја не се против, туку за владината политика, строго бараат Германија да ги остави конечно на мир. „Меркел оди си од ЕУ“ е најгласната парола што се слуша на масовниот протест на Синтагма, со што се изразува константниот гнев кон строгите притисоци што Германија ги врши врз Грција за државата да продолжи со пакетот за штедење. „Дајте ѝ шанса на Грција“, „Грција ѝ припаѓа на Европа“, „Не се предаваме, ќе победиме“ се само дел од пораките што може да се забележат на протестните паноа на Синтагма.

Ова е втор масовен граѓански протест за поддршка на владата, втор во поновата грчка историја каде граѓаните изразуваат масовна солидарност со владината политика.

Министерот за финансии, Јанис Варуфакис, веќе ја имаше првата средба со европските колеги и ги презентираше грчките идеи, познати како мост-програма, кои нудат реформирање на досегашната програма за штедење и нови предлози како да се подобри грчката економија без досегашните строги мерки за штедење. Убеден е дека ќе успеат да издејствуваат договор, како и дека Грција не е во никаква опасност за излез од еврозоната.

„Апсолутно не“, одговори Варуфакис на новинарско прашање дали стравува дека Грција може да биде исклучена од еврозоната.

Додека Варуфакис се бори во Брисел, илјадниците грчки граѓани на Синтагма, пред слободниот, неограден парламент, бараа Европа конечно да ѝ дозволи на Грција да земе здив од финансиските оптоварувања. Полни се надеж дека Ципрас ќе успее да го исполни ветеното, да ги укине високите даноци, да ги врати повисоките плати и, пред сè, грчкото достоинство. Граѓаните бараат светот да ѝ даде нова шанса на Грција.