Македонија „Ноемвриска трка 2022“ во Гевгелија, Поп Арсова и Хајдари победија на 10...

„Ноемвриска трка 2022“ во Гевгелија, Поп Арсова и Хајдари победија на 10 километри

Фото: Мета.мк

По втор пат, во Гевгелија денеска се одржа атлетската трка „November Run Gevgelija 2022“, која се организира по повод општинскиот празник – 7. Ноември, ослободувањето на Гевгелија. На трката учествуваа над 1.500 натпреварувачи, во машка и женска категорија.

На 10 километри во женска конкуренција, најдобро време оствари Андријана Поп Арсова од Македонија (34:02), додека најбрз во машка конкуренција беше Муса Хајдари од Албанија кој ги истрча 10-те километри за 31 минута и 59 секунди.

На атлетската трка на 5 километри, првото место го освои Магдалена Станковска (21:14), додека во машка конкуренција најбрз беше Астрит Криезиу од Косово кој стигна на целта за 15 минути и 55 секунди.

Инаку, организаторите на атлетската трка имаат предвидено парични награди за петте најбрзи учесници во трката на 10.000 метри, во машка и женска категорија, и тоа за прво место – 18.000 денари, второ место – 12.000 денари, трето место – 9.000 денари, четврто место – 6.000 денари и петто место – 3.000 денари.

Парични награди се обезбедени и за трите најбрзи учесници во трката на 5.000 метри, во машка и женска категорија, и тоа за прво место – 3.000 денари, второ место – 2.000 денари и за трето место место – 1.000 денари.