Македонија Николовски: Иво Ивановски да каже зошто бега токму сега

Николовски: Иво Ивановски да каже зошто бега токму сега

Членот на извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски, денеска на прес-конференција истакна дека „се редат заминувања во владата на Никола Груевски и пред дефинитивно да замине од политичката сцена, Груевски го напуштаат неговите најблиски министри“.

– Со последната оставка на Иво Ивановски, министер за администрација и информатичко општество, на сите им е јасно дека се ближи крајот на режимската власт и доаѓа слободата. Очигледно за Ивановски попривлечно е да се биде вработен во приватна странска компанија отколку да се биде министер во владата на Груевски. Но, Иво Ивановски должи одговори на целокупната македонска јавност зошто избега токму сега? – изјави Николовски и праша „дали избега од страв да се соочи со граѓаните за најголемата партизација на државната администрација што ја направи власта на Никола Груевски“.

Според него, политизацијата на државата и на државните инситуции, констатирана во сите релевантни меѓународни извештаи за Македонија, се спроведуваше преку министерството со кое раководеше токму Ивановски.

– Медиумскиот мрак, загрозената медиумска слобода и генерално состојбата во медиумите е во целосна надлежност на министерството со кое раководеше токму тој, Иво Ивановски. Владините неуспеси во клучните области, партизацијата на државните институции, владината контрола врз медиумите, ја оддалечи Македонија и од европскиот пат и од патот на демократските држави – додаде Николовски.

Како што објавија дел од медиумите, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ќе се повлече од функцијата и ќе замине да работи во приватна компанија во Бугарија.