Економија Николовски: АХВ должи 200 милиони денари на ветеринарните друштва

Николовски: АХВ должи 200 милиони денари на ветеринарните друштва

„Агенцијата за храна и ветеринарство на ветеринарните друштва им должи околу 200 милиони денари, пари без кои тие не можат да функционираат. Катастрофалната финансиска состојба на ветеринарните друштва, до која ги доведе власта, се заканува да предизвика колапс во здравствената заштита на животните, а преку тоа и во сточарството“, изјави дополнителниот заменик-министер Љупчо Николовски.

Тој додава дека ветеринарните друштва што имаат склучено договор со Агенцијата за храна и ветеринарство, преку обележувањето на добитокот се најдиректно вклучени и во субвенционирањето во сточарството.

– За да може еден сточар да се пријави за субвенции, мора претходно да има спроведено идентификација и регистрација на грлото со пасош, кој потоа ќе пријави бројна состојба на стадото. Ова е барањето на 77 ветеринарни друштва, кои преку Ветеринарната комора се обратиле до директорот на агенцијата, Зоран Поповски. Тие алармираат дека доколку не се обезбедат средства за нивно нормално функционирање, нема да можат да одговорат на законските обврски – вели Николовски.

Според него, ова доцнење во исплатата на АХВ на ветеринарните друштва е нотирано и во извештаите на ЕК.