Свет Балкан Николиќ: Србија ѝ пружа рака на Хрватска

Николиќ: Србија ѝ пружа рака на Хрватска

Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека Србија јасно го има зацртано својот европски пат и нема да одговори на провокациите, додавајќи дека Србија ѝ пружа рака на Хрватска и ја повикува на разговор.

По повод хрватската блокада на отворањето на поглавјето 26 во преговорите помеѓу Србија и ЕУ, Николиќ, на состанокот на министерскиот совет на Организацијата за црноморската економска соработка (БСЕЦ) во Белград, изјави дека во Хрватска „како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ѝ наштети на Србија или ќе ја навреди“.

„Се величаат симболи под кои во „творбите“ на Хитлер биле убивани Срби, Роми и Евреи. Претседателката на Хрватска се извинува што не знаејќи што прави, во пакетчињата на децата ставила едно мало чоколадо произведено во Србија. Врв е што Хрватска го попречува патот на Србија кон ЕУ поради несреќни билатерални проблеми. Така не се соработува, така не се гради туку се разградува. А ние денес пружаме рака кон Хрватска и ја повикуваме во интерес на нашите деца да разговараме, соработуваме, градиме општество без граници, расни и верски судири – додаде Николиќ.

Србија денеска во Брисел ќе отвори две нови поглавја во преговорите со ЕУ, 5 и 25 кои ќе се однесуваат на јавни набавки, наука и истражување. Поглавјето 26 кое се однесува на културата и на образованието, иако се очекувало, нема да биде отворено, поради блокадата на Хрватска поради што премиерот Александар Вучиќ одлучи да не присуствува на меѓувладината конференција.

За Хрватска е спорно дали Србија е подготвена да гарантира образование на јазиците на националните малцинства. Преговарачките тимови на Србија, пак, сметаат дека овие прашања се отворени во поглавјето 23 за правосудство и основни права кое е веќе отворено, а не поглавјето 26.