Подглавна секција Ники Хејли го победи Доналд Трамп на републиканските прелиминарни избори во Вашингтон

Ники Хејли го победи Доналд Трамп на републиканските прелиминарни избори во Вашингтон

Победата во Вашингтон ја прави Хејли првата жена која победила на републикански прелиминарни избори во историјата на САД

Glenn Youngkin, PDM-owner, via Wikimedia Commons

Ники Хејли го победи Доналд Трамп на републиканските прелиминарни избори во Вашингтон, што е нејзина прва победа над поранешниот американски претседател во кампањата за 2024 година за тоа кој ќе стане републикански претседателски кандидат.

Хејли, која е единствен преостанат предизвикувач на Трамп, освои 62,9 отсто од гласовите во Федералниот округ Колумбија, наспроти 33,2 проценти што ги освои поранешниот претседател, пренесува Гардијан.

Со ова, Хејли ќе собере 19 делегати од нејзината победа, што претставува мал дел од потребните 1.215 делегати за да се добие номинацијата. Во моментов таа има 43 делегати на национално ниво и заостанува зад 247-те делегати на Трамп.

Победата во Вашингтон ја прави Хејли првата жена која победила на републикански прелиминарни избори во историјата на САД, соопштија од нејзината кампања.

И покрај ова, Хејли сè уште се соочува со речиси невозможни шанси во трката да ја добие републиканската номинација за да се бори против демократскиот кандидат и актуелен претседател на САД, Џо Бајден во ноември. Трамп победи во првите осум прелиминарни избори со значителна разлика.

Кампањата на Трамп брзо ја отфрли победата на Хeјли, која е поранешна амбасадорка во Обединетите нации, нарекувајќи ја „Кралица на мочуриштето“.

Кампањата на Трамп доминираше на сите државни прелиминарни избори во републиканската кампања, а се очекува неделава да добие уште повеќе делегати во таканаречениот „Супер вторник“ – ден кога гласачите во 15 сојузни држави и една американска територија ќе го номинираат својот кандидат.