Економија Незири против ограничувањата за стари возила

Незири против ограничувањата за стари возила

Министерството за економија за две недели треба да ја информира владата за ефектите од ваквата мерка

Министерот за економија Беким Незири e против ограничување на користењето стари возила кои не ги исполнуваат еколошките стандарди или забрана за нивно регистирање, и очекува дека во наредните неколку години нема да се воведува оваа мерка.

– Како ресорен министер, дадов негативно мислење за ова барање и реков дека ќе направам детална анализа. Ценам дека таквата мерка ќе има големи негативни ефекти врз економијата, а со неа ќе бидат засегнати и граѓаните. Се работи за голема бројка од 100.000 до 150.000 возила и мислам дека ќе претставува радикална мерка ограничувањето на нивното движење или, пак, оневозможувањето да се регистрираат. Сметам дека такво нешто нема да се случи во наредниве неколку години – рече министерот Незири, одговарајќи прашање на денешната прес-конференција во Министерството за економија, пренесува „А1 он“

Незири истакна дека за две недели Министерството треба да ја информира Владата за позитивните и за негативните ефекти од воведувањето таква мерка.

– Според податоците кои ги добивам од службите, јас, како министер, но и Министерството за економија, нема да поддржи ваква мерка. Мислам дека и Владата ќе има слух и оти ќе ја прифати анализата што ќе ја направиме – нагласи Незири.

Комитетот за заштита на животната средина неодамна на седница на Владата побара да се разгледа можноста да се оневозможи регистрацијата на старите возила, за почеток со стандард „еуро“, а подоцна и со „еуро 1“, или да биде редуцирано нивното движење во Скопје поради нивното негативно влијание на воздухот во градот.