Главна секција Невремето во Тетовско однесе неколку жртви

Невремето во Тетовско однесе неколку жртви

Големото невреме што го зафати тетовскиот регион однесе неколку жртви. Полицијата потврди дека едно дете во Голема Речица е удавено од излеаните планински реки додека си играло во својот двор. Од ерозија на земја во селото Шипковица, според првични и неофицијални информации на полицијата, починале четири лица.

Временската непогода што го зафати Тетовско, уништи и однесе повеќе мостови, а блокирани се неколку патни правци, меѓу кои и магистралниот пат Тетово – Јажинце. Отсечени се и неколку села.

Најлоша е состојбата долж текот на Пена, која се излеа во долниот дел на Тетово и носеше сè пред себе. Однесени се контејнери, има откорнати дрвја и покриви, а повеќе домови се под вода.

–  Ова е катастрофа, ужас, големи штети претрпевме. Целата куќа плива во вода. Сè се случи за 15 минути, одеднаш се излеа коритото на Пена – вели еден тетовец, кој живее покрај реката.

Тетовци велат дека надлежните не ги чистат редовно речните корита, што денеска резултираше со излевање на водите од реките.

– Повеќепати сме алармирале да се чисти коритото на река Пена, но залудно. Нивото на водата во оваа река е секогаш на критична точка, но Општината нема слух, па поради тоа ни се случи оваа катастрофа – вели една тетовка.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека наносите од кал, дрва и од камења се расчистуваат со 10 машини, кои ќе продолжат да го расчистуваат теренот во текот на целата ноќ.