Свет Несреќа во Холивуд: Алек Болдвин на филмски сет убил директорка на фотографија...

Несреќа во Холивуд: Алек Болдвин на филмски сет убил директорка на фотографија и го ранил режисерот

Фото: Принтскрин Јутуб

Холивудскиот актер Алек Болдвин пукал од пиштол реквизит на филмски сет во Њу Мексико, при што ја убил директорката на фотографија Халина Хачинс (42) и го ранил режисерот Џоел Соуза (48), соопштија локалните власти.

Трагичниот инцидент се случил за време на снимањето на независниот вестерн филм „Rust“, соопшти канцеларијата на шерифот на областа Санта Фе.

Претставникот на Здружението на кинематографери, Џон Линдли и Националната извршна директорка, Ребека Рајн синоќа изјавија дека со неверување ја примиле „катастрофалната вест“.

„Деталите се нејасни во овој момент, но работиме да дознаеме повеќе и поддржуваме целосна истрага за овој трагичен настан“, додадоа директорите на здружението.

Канцеларијата на шерифот потврди дека за време на снимањето на филмот биле застрелани две лица. „Халина Хачинс, директор за фотографија и Џоел Соуза, режисер, беа застрелани кога Алек Болдвин, продуцент и актер, испукал од огнено оружје“, се вели во соопштението на полицијата.

„Г. Болдвин беше сослушан од инспекторите и пуштен на слобода“, изјави службеник на Одделот на шерифот во Санта Фе.

По инцидентот Хачинс со хеликоптер била пренесена во болницата на Универзитетот во Ново Мексико каде што била констатирана смрт од медицинскиот персонал. А, Соуза беше пренесен со возило на брза помош во Регионалниот медицински центар Кристус Сент Винсент каде што се лекува, додадоа од полицијата во Санта Фе.

„Истрагата останува отворена и активна. Обвинение не е покренато и детективите продолжуваат со сослушување на сведоците“, соопшти канцеларијата на шерифот.

Ова не е првпат смрт на филмски сет да биде предизвикана од пукање од пиштол. Актерот Џон-Ерик Хексум беше убиен на 18 октомври 1984 година на снимањето на ТВ серијата „Cover Up“ кога случајно си пукал во глава со пиштол наполнет со ќор-фишеци. А, во 1993 година, Брендон Ли, син на легендата за боречки вештини Брус Ли, почина на сетот филмотThe Crow“ кога во него пукаше друг актер. Утврдено е дека и двата инциденти се несреќи.