Подглавна секција Несогласувања меѓу САД и Израел додека ОН со мнозинство гласа за прекин...

Несогласувања меѓу САД и Израел додека ОН со мнозинство гласа за прекин на огнот

Претседателот Џо Бајден му кажал на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради неговото „недискриминирачко бомбардирање“ и дека е потребно да се промени владата, во која доминираат тврдодесните партии

Оклопна единица на ИДФ напредува по брегот на Газа. Фото: ИДФ њузлетер/веб

Израел и Соединетите Американски Држави (САД) покажаа досега најсилно јавно несогласување досега околу иднината на војната против Хамас, со оглед на тоа што двата сојузника стануваат се поизолирани од глобалните повици за прекин на огнот, пренесува Гардијан. 

Несогласувањата, според Асошиејтед Прес, се појавиле во вторникот додека израелските сили извршиле напади низ Газа, уништувајќи палестински домови. Претседателот Џо Бајден му кажал на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради неговото „недискриминирачко бомбардирање“ и дека е потребно да се промени владата, во која доминираат тврдодесните партии.

Само неколку часа подоцна, Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН) усвои резолуција со која се повикува на хуманитарен прекин на огнот со 153 гласови „за“, 10 „против“ и 23 воздржани.

Необврзувачкото гласање е симболично односно нема обврзувачки карактер, но служи како важен барометар на светското мислење. Ниту една од големите сили не им се придружил на Израел и на САД во нивното противење за прекин на огнот.

Коментарите на Бајден се случуваат додека советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, оди во Израел на разговор со Нетанјаху за распоредот на војната – и што ќе се случи ако Хамас бидат поразени.

Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, ќе отпатува во Израел следната недела во посета, со цел Пентагон да ја покаже американската поддршка за Израел, но и да ја искаже потребата да се избегнат цивилни жртви во Газа.

Палестинските власти ја поздравија резолуцијата на ОН и ги повикаа земјите да извршат притисок врз Израел да се усогласи, а официјален претставник на Хамас кој е во егзил, Изат Ел-Решик, во изјава на Телеграм, вели дека Израел треба да престане со својата агресија, геноцид и етничко чистење врз народот.

Истовремено, САД и Израел тврдат дека прекинот на огнот може да му користи само на Хамас.