Економија Нема веќе купување пакети зејтин по маркетите, Министерството за економија стави ограничување

Нема веќе купување пакети зејтин по маркетите, Министерството за економија стави ограничување

Фото: Victoriano Izquierdo on Unsplash

Министерството за економија испрати известување до трговците на мало во земјава, со кое им препорачува да не дозволуваат продажба на сончогледово масло за јадење во големи количини, односно купување на зејтин во пакети од граѓаните.

„Од 13.04.2022 година на секој поединечен купувач кој ќе купува масло од сончоглед за јадење во трговските објекти, во текот на денот ќе биде ограничена продажбата на мала количина во единечно пакување. Се препорачува да не се дозволува продажба на масло од сончоглед за јадење во големи количини односно количини пакувани во пакети“, се наведува во соопштението на Министерството за економија.

Министерството за економија објаснуваат дека се нарушува редовното снабдување на домашниот пазар со сончогледово масло за јадење, поради значајниот пораст на купување од страна на домашни купувачи, но и на странски купувачи во земјава.

„За да се одржува тековната состојба на домашниот пазар со масло од сончоглед за јадење во продавниците и да се избегне пореметувања од непотребна појава на недостаток на масло од сончоглед за кај трговците на мало, ограничувањето по купувач ќе важи до 31 мај 2022 година“, велат од Министерството за економија.

Од Министерството за економија ги замолуваат трговците на мало, во случај кога купувач ќе побара да купи поголеми количини на масло од сончоглед за јадење во текот на денот, за ова веднаш да го известат Државниот пазарен инспекторат.