Македонија Нема лифт, а лица со инвалидитет работат на петти спрат во битолското...

Нема лифт, а лица со инвалидитет работат на петти спрат во битолското одделение на Министерството за правда [галерија]

Нема лифт во зградата во кое е сместено одделението, а вработените кои се со инвалидитет немаат пристап до работното место кое е на петиот спрат во зградата. Недостасува канцелариски мебел, вратите и прозорците се оштетени и претставуваат опасност за странките, велат од Министерството

Фото: Министерство за правда

Вработени со инвалидитет немаат пристап до работното место, искршени врати и прозорци, недостиг од канцелариски мебел се само дел од работите кои биле нотирани при денешната посета на министерот за правда Кренар Лога во подрачното одделение на Министерството за правда во Битола.

При посетата, како што може да се види и од фотографиите што ги објави Министерството за правда, било констатирано дека вработените работат во субстандардни услови.

„Нема лифт во зградата во кое е сместено одделението, а вработените кои се со инвалидитет немаат пристап до работното место кое е на петтиот спрат во зградата. Недостасува канцелариски мебел, вратите и прозорците се оштетени и претставуваат опасност за странките кои доаѓаат да бараат бесплатна правна помош“, велат од Министерството за правда и додаваат дека „со влезот во ЕУ, преку фондови ќе се обезбедат средства за полесен пристап до правдата за ранливите категории“.

Од Министерството за правда не објавија информација дали во меѓувреме ќе одвојат и средства од буџетот за да се решат субстандардните услови во подрачното одделение на Министерството за правда во Битола, или пак ќе се чека земјава да влезе во Европската Унија.