Македонија Неколку патни правци се непроодни поради врнежите, магла на Стража и на...

Неколку патни правци се непроодни поради врнежите, магла на Стража и на Плетвар

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а дожд со слаб интензитет врне во западниот дел од земјата, информираат од Автомото-сојузот на Македонија. Намалена видливост поради магла, од 50 до 100 метри, има на планинските превои Стража и Плетвар.

Според информација од ЈП „Македонија пат“, на патниот правец Маврово – Галичник, 100 метри пред Царева Чешма, сообраќајот се одвива отежнато поради излевање вода на коловозот. Се препорачува овој патен правец да не се користи.

Поплавување на подвозникот има и кај клучката Матка, во близина на бензинската станица „Бис оил“ во општина Сараj.

„Поплавувањето е настанато поради дождот и дефект на водоводна мрежа на ЈП „Водовод и канализација“. Заглавени биле четири моторни возила, а луѓето од нив биле извлечени. Екипите се сè уште на терен“, се вели во извештајот на АМСМ.

Локалниот пат од село Железнец до село Мало Илино во Демир Хисар не е прооден поради обилни дождови. На неколку патни правци има одрони, поради што се препорачува внимателно возење.

– Ја следиме состојбата и доколку има потреба ќе се спроведат сите процедури што се во наша надлежност – изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, по презентацијата на предлог-буџетот за земјоделство за 2018 година.