Македонија Неизвесно е обновувањето на пристапните преговори со ЕУ

Неизвесно е обновувањето на пристапните преговори со ЕУ

Рестартирањето на пристапните преговори на високо ниво (ХЛАД) е доведено во прашање поради ќор-сокакот во кој влегоа преговорите за реализација на Договорот од Пржино.

– Комесарот Хан планира да ја посети поранешната југословенска Република Македонија на 18 септември за да се запознае со прогресот и со резултатите од имплементирањето на политичкиот договор и од запазувањето на роковите – соопшти за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан.

Коцијанчич потврди дека за време на посетата би требало да се разговара за обновување на пристапните преговори на високо ниво. Неофицијално се дознава дека обновувањето на ХЛАД зависи од тоа дали до 15 септември ќе се постигне договор за назначување специјален јавен обвинител за снимките од „бомбите“ на опозицијата. Доколку политичките партии не постигнат договор и ги пробијат роковите, тогаш ХЛАД и Скопје воопшто нема да бидат на неговата агенда.

Од Европската комисија, сепак, не сакаа да коменираат дали пробивањето на роковите и неимплементирањето на точките од договорот ќе се одразат врз извештајот на ЕК.

– Европската комисија е во постојан контакт со политичките партии и со Владата во врска со имплементацијата на договорот, а годишниот извештај за Македонија ќе биде презентиран кон средината на октомври – рече Коцијанчич.

Пристапниот дијалог на високо ниво почна во 2011 година, но последната средба беше одржана пред две години поради политичката криза и отсуството на опозицијата од македонското Собрание.