Македонија Не Македонец, туку Црногорец бил уапсен од германските власти

Не Македонец, туку Црногорец бил уапсен од германските власти

Информацијата што синоќа ја објави светскиот сервис на „Би-Би-Си“, дека државјанин на Македонија пред неколку дена бил приведен во Германија со автомобил полн со оружје, денеска експресно беше демантирана од германските власти.

Според баварската полиција, уапсениот кој во своето возило, марка „голф“, во скриен бункер превезувал цел арсенал автоматско оружје, гранати  и експлозиви, е од Црна Гора, а возилото било со регистарски таблички од оваа земја.

Црногорецот бил уапсен на 5 ноември, осум дена пред трагичните настани во Париз, во близина на градот Розенхајм, на автопат кој води од Германија кон Австрија. Во рутинската контрола, која е честа во пограничниот регион по зголемениот број бегалци, полицајците откриле тајна преграда на подот на возилото, каде имало осум автоматски пушки „калашников“, две рачни гранати, револвер и 200 грама експлозив ТНТ.

Возачот на возилото е 51-годишен државјанин на Црна Гора, кој е во рацете на баварските истражители и засега се брани со молчење.