Подглавна секција Навални погребан во Москва, го испратија илјадници Руси под силно полициско присуство

Навални погребан во Москва, го испратија илјадници Руси под силно полициско присуство

Околу гробиштата имаше илјадници луѓе. Се извикуваше „Навални“, а некои скандирале „Путин е убиец“, „Русија без Путин“, „Русија ќе биде слободна“, пренесуваат светските медиуми

Фото: Принтскрин, официјален профил на Youtube на Навални

Илјадници Руси го скандираа името на Алексеј Навални изјавувајќи дека нема да им простат на властите за неговата смрт, додека денеска во Москва траеше погребот на најголемиот опонент на Владимир Путин.

На видеата кои се емитуваа во живо од гробиштата Борисовски, мајката на Навални, Људмила и таткото Анатолиј се наведнаа над неговиот отворен ковчег за да го бакнат за последен пат, пренесува Ројтерс.

Околу гробиштата имаше илјадници луѓе. Се извикуваше „Навални“, а некои скандирале „Путин е убиец“, „Русија без Путин“, „Русија ќе биде слободна“, пренесуваат светските медиуми.

И покрај енормното полициско присуство во случај да има безредија и поставените барикади и кај црквата и кај гробиштата, не биле пријавени приведувања.

Фото: Принтскрин, официјален профил на Youtube на Навални

Меѓу присутните на периферијата на Москва беа Борис Надеждин, антивоениот кандидат кој беше дисквалификуван да се бори против Владимир Путин на претседателските избори во Русија овој месец, како и Евгениј Роизман, поранешниот градоначалник на Екатеринбург и истакнат критичар на Путин.

Неколку западни амбасадори, исто така, беа забележани на видеоснимки во живо, вклучувајќи ги и американските, француските и германските претставници.

Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија, почина на 47-годишна возраст во затвор, предизвикувајќи обвинувања од неговите поддржувачи дека е убиен. Кремљ негираше каква било вмешаност на државата во неговата смрт.

Властите го прогласија за незаконско неговото движење, опишувајќи го како екстремистичко. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека нема што да му каже на семејството на Навални.