Македонија Наумовски: Превозниците незаинтересирани за субвенциите за плински уреди во возилата

Наумовски: Превозниците незаинтересирани за субвенциите за плински уреди во возилата

Во буџетите на Град Скопје за 2018 и за 2019 година се предвидени пари за субвенции за вградување на плински уреди со цел намалување на штетните издувни гасови, наменети за приватните автобуски превозници, но овие средства минатата година останаа неискористени, поради тоа што превозниците не пројавија интерес да ги искористат, изјави за „Мета“ Никола Наумовски од кабинетот на градоначалникот на Скопје.

Според Наумовски, ниту годинава, барем засега, автобуските превозници не се заинтересирани да ги користат субвенциите, иако на неколкуте средби со нив од Град Скопје им било укажувано дека со тоа не само што ќе придонесат за намалување на загадувањето низ скопските улици, туку и ќе ги намалат трошоците за гориво.

Што се однесува до автобусите на ЈСП, според Наумовски, Градот смета дека е најдобро да се инвестира во нови автобуси, како што се најавените 40 автобуси на гас, кои годинава треба да станат дел од возниот парк на градското сообраќајно претпријатие.