Економија Наумов: Секое задолжување e можност за злоупотреба на средства во предизборниот период

Наумов: Секое задолжување e можност за злоупотреба на средства во предизборниот период

Во врска со аукцијата на државни хартии од вредност закажана за утре, кога Владата на домашниот пазар ќе побара вкупно 15.443.000 евра, дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, ги повикува клиентите на домашниот пазар на капитал да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните.

– Министерството за финансии ги објави проспектите за првата аукција на државни хартии од вредност за 2016 година. Вкупно се побаруваат 950.000.000 денари. Тоа е износ кој е еднаков на сумата што доспева за враќање на 13 јануари 2016 година. Како најголеми доверители, банките, пензиските друштва и осигурителните компании, мораат да имаат предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност што немаат согласност од дополнителниот заменик-министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг – се вели во соопштението од кабинетот на Наумов до јавноста.

Во соопштениетo се потсетува дека на 22 декември 2015 година е поднесена тужба до Управниот суд против одлуката на Државната изборна комисија, која беше донесена од состав со истечен мандат и надвор од нејзините законски надлежности.

– Секое задолжување поголемо од износот потребен за враќање доспеани долгови врз основа на државни хартии од вредност во наредните закажани аукции, ќе се третира како можност за злоупотреба на средства во предизборниот период – се вели во соопштението.