Економија Наумов: Не сум потпишал ниту една одлука во Министерство за финансии

Наумов: Не сум потпишал ниту една одлука во Министерство за финансии

„Во Министерството за финансии ниту една одлука донесена од министерот за финансии не му е доставена на дополнителниот заменик-министер за согласност и за потпис. Исто така, потсетувам дека пред Управниот суд во тек е постапка по тужба поднесена од моја страна, а во врска со задолжувањата на домашниот пазар на капитал“, вели во соопштението претседателот на комисијата за финансии на СДСМ, Кире Наумов.

Поводот за ова соопштение на Наумов е што Владата повторно ги поништи одлуките на министрите од СДСМ, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски.

„Уште еднаш ги известувам учесниците на домашниот пазар на капитал да ја имаат предвид новонастанатата состојба и можноста во наредниот период Владата да ги поништи и одлуките во Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои се без согласност од дополнителните заменици-министри“, додава Наумов.