Економија Наумов: Гувернерот Богов не кажува дали имало одлив на средства кон офшор-сметки

Наумов: Гувернерот Богов не кажува дали имало одлив на средства кон офшор-сметки

„Во ситуација кога целиот свет е на нозе по објавата на таканаречените „Панама пејперс“, кога премиерот на Исланд поради протечените информации веќе си поднесе оставка, најодговорниот во државата за контрола на одлив и на прилив на средства од странство, гувернерот Димитар Богов, не кажа ниту збор дали во периодот додека ја извршува функцијата имало одлив на средства кон офшор-сметки во Панама. Не кажа ниту збор, дали во соработка со другите надлежни институции има поведено постапка за испитување на сомнителни трансакции кон офшор-сметки во странство“, се вели во соопштението на дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов.

Според Наумов, однесувањето на актуелниот гувернер, со неговите последни настапи во јавноста, е типичен пример на клиентелизам кон оние за кои смета дека се заслужни за неговиот избор на функцијата што ја извршува.

– Кога веќе не сака или не смее да зборува за одливот на средства од Македонија кон таканаречените даночни раеви, тогаш барем нека одговори на дописот од 1 март 2016 година, со кој побарав да ме извести за бесправно откажаната аукција на домашни хартии од вредност од 2 февруари 2016 година, во делот на ингеренциите на НБРМ во согласност со правилникот за начинот и постапката за издавање и за исплата на државни хартии од вредност – се додава во соопштението од кабинетот на дополнителниот заменик министер за финансии.