Економија Наумов: Енормно зголемување на каматните стапки во услови на пад во Европа

Наумов: Енормно зголемување на каматните стапки во услови на пад во Европа

Министерството за финансии за само една година енормно ги зголеми каматните стапки на државните записи, во услови кога каматните стапки во цела Европа опаѓаат, вклучително и референтната каматна стапка на Европската централна банка, која е на историско најниско ниво од 0,05 отсто, се вели во соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Според него, на денешната аукција на државни хартии од вредност, со која се запишаа 93,6 милиони евра, каматните стапки на шестмесечните и за 12-месечните записи се зголемени за 84 отсто и за 53 отсто соодветно.

– Ако шестмесечните записи кои доспеваат за враќање оваа недела пред шест месеци беа запишани со каматна стапка од 1,25 проценти, денеска за истите да бидат вратени, се запишани нови со каматна стапка од 2,3 проценти. Слично е и кај 12-месечните записи. Ако пред една година каматната стапка изнесувала 1,7 отсто, денеска за истите да бидат вратени, Министерството за финансии запиша нови записи со рок на враќање од една година, ама сега со каматна стапка од 2,6 проценти – вели Наумов.