Свет НАТО: Русија се однесува опасно и неодговорно

НАТО: Русија се однесува опасно и неодговорно

Советот на НАТО побара од Русија да прекине со воздушните напади во Сирија и итно да го запре прелетувањето на руските авиони над турскиот воздушен простор. Воената алијанса констатираше дека се работи за опасно и неодговорно однесување.

Амбасадорите на земјите-членки на НАТО, на повик на генералниот секретар Јенс Столтенберг во Брисел, одржаа вонреден состанок, на кој побараа руското воено воздухопловство да го прекине бомбардирањето на сириските градови Хомс, Хам и Идлиб, од кое, како што се наведува во соопштението, страдаат цивили и припадници на сириската опозиција, а не терористи од Исламска држава.

„Ја повикуваме Русија веднаш да ги прекине нападите и да се насочи кон борбата против ИД и пронаоѓање решение за конфликтот преку мирна транзиција“, соопшти Советот на НАТО.

Амбасадорите предупредија дека неодамнешниот инцидент во турскиот воздушен простор ги подигнал тензиите на „опасно ниво“ и побараа упадите на руските борбени авиони во Турција итно да прекинат.

Советот на Северноатланскиот пакт ја потсети Русија дека воздушниот простор на Турција истовремено е и воздушен простор на НАТО и го оцени таквото однесување на Москва како „екстремно опасно и неодговорно“.