Македонија Народна банка организира конференција за плаќања и пазарна инфраструктура

Народна банка организира конференција за плаќања и пазарна инфраструктура

Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија ја организира 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, насловена „Време е за дигитализација“, од 6 до 8 јуни во Охрид.

„Конференцијата ќе опфати теми кои што, меѓу другото, ќе се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот „финтек“, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската унија. За време на Конференцијата ќе биде одржана панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот „финтек“ и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет“, се вели во соопштението.

Од НБРМ додаваат дека одржувањето на оваа конференција носи големи придобивки за платежната индустрија во домашната економија.

На Конференцијата, која што традиционално има меѓународен карактер, предавачи се високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка.

Воедно, оваа година потврдено е учеството на претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, што, како што велат од НБРМ, недвосмислено го потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки.