Економија Народна банка ја поедностави процедурата за отворање и за поседување сметки во...

Народна банка ја поедностави процедурата за отворање и за поседување сметки во странство

Народната банка донесе мерки со кои се олеснуваат и дополнително се уредуваат начинот и условите за отворање и за поседување сметки во странство, и тоа за неколку категории резиденти: дипломатски, конзуларни и други претставништва на Македонија во странство, физички лица со постојано место на живеење во Македонија, кои привремено престојуваат во странство шест месеци или повеќе, странски физички лица кои привремено престојуваат во Македонија и физички лица кои во исто време имаат и важечка странска патна исправа.

– Значајна новина е и дека резидентите што се физички лица можат средствата од сметката да ги пренесат во Македонија и по истекот на рокот на важност на документот за престој или за работа во странство, како и документот за стекнати права. Новата одлука ја олеснува и наплатата на средствата стекнати во странство, за кои постои законска основа за стекнување – се вели во соопштението на Народна банка.

Исто така, има олеснување и во однос на отворање девизни сметки од страна на македонските државјани, така што документацијата за отворање девизна сметка се усогласува со постоечката документација предвидена за отворање трансакциска сметка.

Се предвидуваат и задолжителни рокови во кои банката ќе врши ажурирање на податоците на нерезидентот, како и можност за отворање една или повеќе повеќевалутни сметки, вклучително и во денари, од страна на еден нерезидент.