Економија Народна банка ја намали основната каматна стапка од 4 на 3,75 проценти

Народна банка ја намали основната каматна стапка од 4 на 3,75 проценти

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, Народна банка ја намали за 0,25 процентни поени, и таа сега изнесува 3,75 проценти.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, кое во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Ова намалување на каматната стапка, според некои од банките, нема значително да влијае врз намалување на каматите на кредитите и на заштедите.