Свет Нападите на талибанците го чинат Пакистан пет милијарди долари годишно

Нападите на талибанците го чинат Пакистан пет милијарди долари годишно

Нападите на талибанците ја чинат економијата на Пакистан повеќе од 5 милијарди долари годишно во изгубени инвестиции, изјави пакистанскиот државен секретар за финансии, Вакер Масуд Кан, додавајќи дека Исламабад ја држи отворена опцијата за уште една програма со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

– Нашиот народ претрпе ужасно страдање во последната деценија и поради тероризмот многу изгубивме во поглед на економските можности и на производството – рекол Кан во Лондон, каде делегација на пакистанската власт се сретна со инвеститори.

Според неговите зборови, Пакистан во минатото имал прилив од странски инвестиции од 5 до 7 милијарди долари, а денес нема ни 2 милијарди. На тоа, како што рече тој, треба да се додадат и трошоците за плаќање осигурување за штетите што ѝ се нанесени на економијата.

Пакистанската централна банка ги намали каматните стапки, а нејзината пограма со ММФ е во насока на борбата против корупцијата.

Се очекува дека порастот на домашниот бруто-производ на земјата ќе биде 5,5 отсто до јуни 2016 година, а дека девизните резерви овој или следниот месец ќе достигнат 20 милијарди долари.