Економија Намалување на сивата економија и на несреќите на работно место бара ОРМ

Намалување на сивата економија и на несреќите на работно место бара ОРМ

Нови ефикасни решенија за намалување на повредите и на несреќите на работните места, воведување на системот на бонови при пријавување на сезонските работници во задолжителното социјално осигурување и измени во Законот за трговски друштва, бара Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).

Во областа на безбедноста и здравјето при работа, ОРМ смета дека досегашната примена на законската регулатива во оваа област не ги дава посакуваните резултати, односно не го намали бројот на повреди и на несреќи на работно место, особено во земјоделството, градежништвото и во преработувачката индустрија, каде бројот на повреди и на несреќи е најголем.

– Законот за безбедност и за здравје при работа предизвикува значителни финансиски импликации, особено за малите и за микрофирмите од услужните дејности, во кои често единствена опрема за работа се компјутерите и работните маси, а кои, според обврските во законот, се изедначени со големите индустриски капацитети каде ризиците за повреди на работното место се значително поголеми – изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Покрај за безбедноста и за здравјето при работа, ОРМ предлага и значително поедноставување на моделот на пријавување и на плаќање на придонесите за сезонските работници, со што ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници, ќе се зголеми нивната социјална сигурност, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и на сивата економија.

Членките на ОРМ, како еден од приоритетите ја истакнуваат и потребата од измени во Законот за трговски друштва со кои се олеснат вложувањата на постојните акциoнери во компаниите, што позитивно ќе се одрази и за понатамошно поттикување на домашните и на странските инвестиции во земјата.